Како самите си забрануваме да чувствуваме?

 Breaking News

Како самите си забрануваме да чувствуваме?

Како самите си забрануваме да чувствуваме?
January 02
12:25 2018

Како некој кој очајнички се обидува да „се елиминира самиот себе“ успева во тоа? Дали и самите ризикуваме да се најдеме во слична ситуација ако ги потиснуваме своите чувства? Одлуката самите да си „забраниме“ да чувствуваме може да биде свесна или несвесна, врз која влијаат низа фактори чија историја допира до најраните моменти од нашето детство.

Чувства, мислење и однесување – неразделна тријада

Чувствата, мислењата и однесувањето се неразделна тријада и се дел од една голема целина – нас самите. Како го гледаме и чувствуваме светот околу себе, како носиме одлуки и какви избори правиме, зависи од функционирањето на оваа тријада. Таа може да функционира складно или нескладно, а со тоа и ние самите.

Складноста се рефлектира во нашето чувство на сеопфатност. Она што го чувствуваме е во склад со она што го мислиме, а со своето однесување тоа и го потврдуваме. Чувствуваме и знаеме дека сме во мир самите со себе, и го живееме тој мир.

Нескладноста се гледа по поделеноста. Најчето таа поделеност е меѓу нашите чувства од една и мислењето и однесувањето од друга страна. Тогаш самите се присилуваме да правиме нешто што не сакаме и немаме потреба.
Го правиме тоа затоа што мислиме дека така треба или мора, а не затоа што го сакаме тоа или имаме потреба. Нескладноста се гледа и кога не се придвижуваме да го постигнеме она што го сакаме или мечтаеме, туку остануваме при она што не ни годи. Желба без иницијатива и движење. Еден дел секогаш недостига.

Како избираме да ја раздвоиме целината со која сме се родиле? Како во себе правиме расцеп и ги одвојуваме нашите чувства од мислењето и однесувањето?

Влијанието на опкружувањето при растењето

Сите се раѓаме во некакво потесно или пошироко опкружување кое не сме во позиција самите да го избереме. Во потесниот круг спаѓаат луѓето кои нè носат на свет и оние со кои сме опкружени при растењето. Во поширокото опкружување спаѓа општеството во кое живееме.

Идеално опкружување

Во идеални услови нашето прво опкружување се освестени родители кои нè сакаат и главна цел им е да ни овозможат непречено да ги развиваме сопствените потенцијали, да ги откриваме своите таленти и да бидеме она што сме. Однесувањето на останатиот дел од потесното и поширокото семејство е синхронизиран со мисијата на нашите родители. Во практиката, тоа значи дека растеме слободни, имаме дозвола и поттик да го откриваме светот околу себе и да реагираме на него. Можеме слободно да се движиме во просторот каде што живееме, да ги нарекуваме работите со нивното вистинско име, да чувствуваме и да ги покажуваме своите чувства. Доволно сме добри токму такви какви што сме – прифатени сме, сакани и почитувани. Ние сме центарот на светот и имаме чувство дека тој се врти околу нас.

Реално опкружување и услови во кои растеме

Во реалноста, некои од првите зборови кои ги слушаме во најраното детство како одговор на нашите потреби, почнуваат со „не“ и „немој“. Тие се пропратени со фрустрации и казни кои ги добиваме од околината кога се однесуваме во склад со своите чувства.
Луѓето покрај кои растеме честопати умеат да бидат непријателски настроени кон нашите обиди да ги задоволиме своите потреби. Во таа нееднаква борба меѓу возрасните кои се посилни и децата кои се послаби, децата се предодредени да изгубат. Возрасните победуваат и ги наметнуваат своите потреби на штета на детските.

Ова е моментот кога многу деца се откажуваат од натамошните обиди да ги задоволат своите потреби. Откажувањето се случува како последица од казните и фрустрациите, а сè со цел да се избегне повторување на некои болни искуства. Кога одговорот на нашите потреби е одбивање или казна, ставени сме во позиција да реагираме и да одлучиме: што ќе правиме со своите потреби, со сознанието дека околината не е подготвена да ни удоволи, и со нашите чувства околу сè ова?

Секое дете различно го доживува и реагира на повишен тон, налутен поглед , игнорирање или отфрлување. Некое дете ќе одлучи да ги исклучи своите емоции и да не ги чувствува повеќе, друго пак ќе одлучи да не чувствува само определени емоции, а некое пак ќе одлучи да не им верува повеќе на сопствените чувства. Овие одлуки ги носиме свесно или несвесно, но нивната функција е заштитна.
Целта е да ја издржиме болката така што „нема да ја чувствуваме“ и да ја задржиме љубовта, наклоноста и прифаќањето на луѓето покрај кои растеме, како и да ја избегнеме казната или отфрлањето. На детска возраст, овие одлуки се во функција на преживување, затоа што кога сме мали и беспомошни, зависиме исклучиво од наклоноста и негата што ја добиваме од околината.

Што може детето да стори во ваква ситуација? Тоа не е во позиција да се налути на оние покрај кои расте и да ги напушти. Нема каде да оди ниту може само да се грижи за себе и да опстане. Затоа многу деца интуитивно одбираат да ги исклучат своите емоции – за да ги одвојат од своето мислење и однесување.

Како изгледа кога ќе одлучиме да не чувствуваме и кога ќе ги одвоиме емоциите од мислењето и однесувањето

Ако како деца сме донеле одлука да ги исклучиме своите емоции, како возрасни имаме впечаток дека не знаеме што чувствуваме или како се чувствуваме. Одбираме и одлучуваме врз база на тоа како мислиме дека треба или мора. И кога ќе се чувствуваме лошо во врска со нашите избори или одлуки, сметаме дека тоа е неизбежно, дека така мора и чекаме да помине.

„Однесувањето кое некогаш имаше цел да ни овозможи да преживееме во средината во која растевме, сега е пречка во задоволувањето на нашите потреби“.

Истото важи и за нашите емоции кои од страна на возрасните биле прогласувани за неприфатливи или недозволени.
Така сме научиле да ги блокираме и да не ги покажуваме омразата, гневот, лутењето, презирот, огорченоста, стравот или болката. Сме научиле да не плачеме пред другите, и да не покажуваме дека ни е грижа, дека сакаме, дека сме лути или дека сме повредени.

Нови одлуки и нов почеток

Една од работите од детството која ја носиме со себе и кога сме возрасни се нашите одлуки во врска со отфрлањето кое сме го доживеале.
Доколку таквите одлуки не ги донесеме на свесно ниво и не одлучиме поинаку, можеме доживотно да бидеме заложници на одлуките од детството. Тие сега се вткаени во нашето функционирање и станале наши автоматски, рефлексни реакции.

Доколку во детството сме одлучиле да не бидеме свесни за своите чувства и дека ги исклучуваме за да го издржиме израснувањето, сега сме во позиција свесно да одлучиме поинаку.
Веќе не сме мали и потполно зависни од околината. Пораснавме, стекнавме одредени животни искуства, вештини и знаења. Сега имаме избор. Можеме да се избереме сами себе и да работиме на нашата среќа, задоволство и исполнетост. Да чувствуваме и да ги споделуваме чувствата со луѓето кои ги сакаме, а кои самите сме ги избрале да бидеме заедно.

Коментари

Коментари

Related Articles