Ако земате кредит, земете годинава – следната година повисоки камати?

 Breaking News

Ако земате кредит, земете годинава – следната година повисоки камати?

Ако земате кредит, земете годинава – следната година повисоки камати?
February 13
11:21 2018

Каматите најверојатно ќе останат на истото ниво, но само до крајот на оваа година. Македонската Народна Банка (НБРМ) засега нема да прави корекции на референтната стапка и покрај сигналите од американските ФЕД и Европската Централна Банка (ЕЦБ). Во моментов каматите за кредитите се на историски најниско ниво, се движат од околу 3% за станбените до 6% за потрошувачките.

Америка веќе постепено ги зголеми каматите, а Европа почнува со постепено намалување на количината на пари во оптек и најверојатно од следната година ќе почне и со зголемување на каматите. Ова е одговор на стабилизацијата на глобалната економија и периодот на експанзија во изминативе две години.

„Во Македонија ние секогаш водиме сметка нашата референтна каматна стапка да има одредена маргина во однос на каматната стапка на европската Централна Банка. Фактот што ЕЦБ нема во догледен период да ја зголемува својата каматна стапка дава уверување дека и ние во догледен период нема да имаме потреба да ја зголемуваме нашата референтна каматна стапка“ изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.

Освен сигналите од Америка и Европа, НБРМ предвид ги зема и случувањата и во Македонија.

„Ги следиме сите економски параметри – каков е платниот биланс, каква е фискалната политика, какви се вкупните ризици во македонската економија. Ние тоа го следиме на дневно ниво и во зависност од тоа ја поставуваме нашата монетарна политика. Но, во моментов амбиентот е доста поволен за монетарната политика“ објаснува Богов.

Народната Банка не очекува дестабилизација на глобалната економија. Оценката е дека минатонеделниот пад на американските, а потоа и на азиските и европските берзи е моментално прилагодување – светските финансиски пазари влегуваат во нов циклус на монетарни корекции.

„Изминатите 10 години имаше нестандардни монетарни политики, вбризгување на огромна количина на пари и од американскиот ФЕД и од европската Централна Банка и од некои други земји. Сето тоа беше за да се избегнат негативните импликации од светската финансиска криза. Последните две години светската економија е во нагорен тренд, растот е многу силен и очекувањата се дека ќе дојде до повлекување на сета ликвидност која беше вбризгана изминатите десет години. Тоа внесува одредена доза на нервоза кај финансиските играчи на финансиските пазари и можни се вакви корекции во наредниот период“ објаснува гувернерот Димитар Богов, пишува 24инфо.

Светската економија е во нагорен тренд во последните години. Во меѓувреме во изминатите десет години беше зајакната и инфраструктура во банкарскиот и во финансискиот сектор генерално преку воведување многу построги регулативи. Ова би требало да спречи повторување на глобална криза како онаа од 2008-та.

„Македонската економија сепак треба да биде внимателна , треба да биде добро подготвена. Изминатиов период и ние презедовме низа мерки со кои што го зајакнавме банкарскиот сектор. За владините финансии веќе имаме намалување на буџетскиот дефицит во последните неколку години. Верувам дека во наредниот период ќе дојде до стабилизирање на јавниот долг“ смета Богов.

Гувернерот на НБРМ вели и дека јануарската Евро обврзница била издадена во многу поволен амбиент со што биле обезбедени финансиите до средината на наредната година, а сето тоа давало уверување дека македонската економија е добро подготвена за евентуалните турбуленции кои што можат да се случат на светските финансиски пазари.

Во моментов каматите за кредитите во Македонија се на историски најниско ниво, се движат од околу 3% за станбените до 6% за потрошувачките, пишува 24инфо.

Коментари

Коментари

Related Articles