Од кого НАТО ќе го брани македонскиот народ, прашува Захарова, портпаролката на Министерство за надворешни работи на Русија

Портпаролката на Министерство за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, на денешниот брифинг со новинарите го прокоментира вчерашното потпишување на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
„Од кого НАТО ќе го брани македонскиот народ? Единствена закана во регионот претставува т.н. Војска на Косово, која се формира од поранешни припадници на УЧК. Зарем повторно НАТО ќе војува со оние што самата ги беше обучувала и вооружувала?“, праша таа.
„Македонија сигурно ќе го плати покровителството од НАТО.
Придобивките на Македонија од членството се неизвесни, додека цената е прилично јасна, Вашингтон ја соопшти – не само двојно зголемени одбранбени трошоци, учество во воени подготовки и операции што се далеку од интересите на македонскиот народ, туку и загуба на слободата во носење одлуки и водење суверена надворешна политика“, заклучи Захарова.