Со фејсбук статус се огласи проф.д-р Гордана Силјановска Давкова, кандидат за Претседател

 Breaking News

Со фејсбук статус се огласи проф.д-р Гордана Силјановска Давкова, кандидат за Претседател

Со фејсбук статус се огласи проф.д-р Гордана Силјановска Давкова, кандидат за Претседател
April 22
16:15 2019

Безбедност, одбрана и НАТО

Драги мои, како Претседателка и врховен командант на АРМ јас ќе се залагам за нејзино дополнително осовременување и адаптирање на потребите на одбраната во 21от век. Ние како држава треба да им се оддолжиме на војниците со соодветни политики дизајнирани да ја поттикнат нивата мотивација и да им обезбедат сигурна иднина.
Оттука, мојот мандат ќе го посветам на две клучни прашања каде земјата нема изградено политика, институционални механизми ниту способности: одбраната на интернет (cyber defence); жени, мир и безбедност.
Знаејќи дека Армијата е витален столб за одбраната, од особено значење е имплементација на трансформација на силите за распоредливост, поддршка и интероператибилност со цивилните авторитети во кризни состојби. Сето тоа заради заштита на граѓаните, нивното здравје и критичната инфраструктура. Во таа смисла мојот мандат ќе го посветам на сите аспекти на развој на способност како на пример доктрина, лидерство, организација, персонал, тренинг, технологија, инфраструктура и интероперабилност.
Армијата не смее да се остави да биде исклучително увозно зависна за своите ресурси. Ќе се заложам да се изнајдат начини и да се заживее наменската индустрија по НАТО стандарди, но ќе се заложам и за формирање на фонд во рамките на АРМ со цел поттикнување на иновациите во одбраната на Републиката. Особено внимание ќе посветам на предизвикот за подигнување на безбедносната култура, јакнење на патриотизмот и чувството на припадност за одбрана на мултиетничка и мултирелигиска Македонија. Капацитетите се од исклучителна важност во време на соочување со „војната за перцепција“ на интернет, каде со напредни технологии и иновации се водат кампањи за влијание, со цел ерозија на институциите, поткопување на интегритетот на класифицираните информации, субверзија и активизам за обликување на јавното мислење заради поларизација на општествата со етничка и верска различност што ја дефинира новата „сива и неконтролирана зона“.
Драги мои, за остварување на мисијата и силна Армија потребен е зголемен и одржлив буџет од минимум 2% од БДП за модернизација, логистика и распоредливост на сили имајќи предвид и на потребите за повисок стандард и плати на воениот и цивилниот персонал. Како активна претседателка секоја година ќе се вклучам во буџетската дебата со цел да обезбедам повеќе финансии за модернизација на армијата.
Одржувањето на висок морал, дисциплина и чувството за патриотизам се основни елементи за изградба на воени лидери чија стручност и посветеност за решавање на проблеми се повеќе од потребни за предизвиците со кои се соочуваме сега и во иднина. Притоа ќе работам на јасно прецизирање на условите за промоција во АРМ, како и обезбедување на тренинзи и обуки за реинтеграција на војниците во цивилната служба.
Што се однесува до воена дипломатија и зголемување на учество во меѓународни мировни операции, од голема важност е нашето присуство во кризните региони преку учество во меѓународни мировни операции и постојана комуникација со нашите партнери. Дополнителен приоритет е и остварувањето на меѓуармиска и разузнавачка соработка со земји кои не се членки на НАТО, а се извор, транзит и крајна цел на заканите со кои се соочуваме.

Проактивно ќе раководам и со Советот за безбедност, кој на редовни седници и со формирани работни тела ќе расправа и носи заклучоци за прашања од значење за безбедноста и одбраната заради доставување на предлози за Собранието и Владата. Дополнително, ќе формирам работно тело во состав на советот за безбедност со цел постојана комуникација на службите и единствена анализа на разузнавачките информации заради известување на носителите на одлуки.
Заради заканата од странски терористички борци, растечкиот насилен екстремизам, вклучително и крајно десниот екстремизам и изворите на радикализација потребна е интеграција на сите ресурси и добри практики за единствен и проактивен одговор за спречување на терористички акти. Партнерството помеѓу извршната власт, обвинителството и Националниот координатор за спречување и превенција од насилен екстремизам и тероризам ќе придонесе во креирање на сеопфатен и стратешки пристап. Ваквиот пристап ќе придонесе за интеграција на мерките и алатките на разузнавањето, безбедносните институции и вооружените сили за откривање и справување со терористички акти. Дополнително, ќе поттикнам измени на Законот за социјална заштита, Законот за основно образование, Законот за средно образование, Законот за здравствена заштита со цел да ја обезбедиме неопходната инфраструктура, услуги и програми за превенција од насилен екстремизам и тероризам.
Во мојот мандат ќе посветам внимание за изградба на разузнавачки капацитети за поддршка на системот за одбрана и безбедност, политичките и економските интереси и заштита на граѓаните во националната територија и странство.
Почитувани, крајно време е да ја вратиме довербата во безбедносниот систем соочен со ерозија на институциите. Професионалниот состав во безбедносните служби мора да го промени начинот на управување со класифицираните информации, но и со техничките уреди и опрема со кои директно се ограничуваат основните слободи и права на граѓаните. Сепак, без разлика на добрите реформи, човечкиот фактор во безбедносните служби останува основен генератор на кризи и потребно е време да се надмине епидемијата од непотизам, корупција, партиски клиентализам, како и да се отстрани судирот на интереси со блиски лица кои работат за странските претставништва и организации.
И конечно за постигнување на нашата стратегиска цел – членството во НАТО и ЕУ, потребни ни се силни институции и човечки кадар препознатливи по поинаков начин на размислување и креативност, храброст во носење на одлуки, соочување и решавање на проблеми.

Коментари

Коментари

Related Articles