Врзи го детето со папочна врвка до четириесет години и повторувај му дека никаде нема да најде жена како мама

 Breaking News

Врзи го детето со папочна врвка до четириесет години и повторувај му дека никаде нема да најде жена како мама

Врзи го детето со папочна врвка до четириесет години и повторувај му дека никаде нема да најде жена како мама
January 20
23:17 2019

Врзи го детето со папочна врвка до 40 години и повторувај му дека никаде нема да најде жена како мама – Фејсбук статус на Драгана Костић.

Се чудиме сите како паднати од Марс да сме, како има толку дефектни луѓе во општеството. Полнолетни, возрасни луѓе што не знаат да си сварат едно јајце. Што кревет не си местат.

Што не знаат да прашаат за обична насока, лево ли е, десно ли е. Изгубени во преводот, светот и животот, ама затоа полни ароганција со која ја маскираат лажната самодоверба.

Не можел он во продавници да купува, знаеш ме нервираат редици на каса. Не можел во банка да плаќа сметки, знаеш пензионери досадни, топло и хаотично. Немал време за губење.

Всушност, нема време за ништо – кафе да си свари, појадок да си спреми, сметки да плати, да помогне нешто по дома… да зачисти? – Боже чувај нé, не е тоа машка работа.

Од дома уште горди, го врамиле во 16 рамки мислиш момчево го ослободило Скопје.

„Види го убавец на мама, најубав син си имам“. Мислиш убавината е некој предзнак за способност. Тој кутриот жив неспособен.

Задоен со идејата дека „мама меси, тато носи“, најмногу што направил денес е што сам си го исчепкал носот. Важно е убавец и фраер, „ма ти не знаеш колку девојчиња му се вртат и му ѕвонат“.

Браво, мислам бра-во! Никако не сечи ја таа невидлива папочна врвка барем до кај 40-тата година. Нека ужива убавецот, а дотогаш повторувај му дека никаде нема да најде жена како мама. Мама која го пере, го пегла, му го мести креветот сé уште, иако „начукал“ 28 години.

Му прави мекици и палачинки во ниедно време од ноќта, зашто „знаеш кога ќе си дојде од излегување уморен, да има што да си касне“.

Уморен бре, божем копал некаде.

Мама во меѓувреме е фатена во кичмата, хронично уморна и не може да заспие без полна рака апчиња. Ама категорично одбива да воведе ред и дисциплина и да побара помош, односно да земе да ги построи по дома и секој да фати да си го работи она што треба.

Ама не, мажи не треба да се плеткаат во женски работи, нека спие убавецот преку викенд, нека одмори од излегување, додека таа се обидува да ги закачи завесите качена на скала, да ја спастри куќата и да направи 16 различни ручеци, согласно желбите на сите дома.

И утре нема да најде жена како мама. Секако дека нема да најде. Затоа што всушност тој не бара жена, тој бара мајка и слугинка.

2 во 1, моќен хибрид кој ќе му оди по газот и ќе собира пред и зад него. И ќе се вади на умор, колку многу работи, колку пари носи дома и придонесува (како божем жената да не оди на работа) и ќе се вади на машко-женски обврски, како тоа не е негова работа, а на крај ќе го „плесне“ најсилниот аргумент: Никогаш нема да бидеш како мама!

Навистина нема да бидеш како мама. Таква послушна, сервилна, растрепкана и уплашена жена. Нема да си како мама, мајка на деценијата и веков, која е вечна жртва за сите по дома, која си го жртвува и здравјето и надворешниот изглед и нервите и слободното време за ти – убавецот на мама да имаш сé сервирано на тацна.

А, за волја на вистината не се само мажите на денешницата вакви. И „принцези4ките“ кои не работат ништо, оние кои гордо изјавуваат дека „други работат за мене“. Кои други бе златни, родителите дома што се унесреќиле со таква кукла која само трепка?

Кукла која не прочитала 2 книги, ама знае совршено да залепи вештачки трепки. Кукла која не знае да си ги среди алиштата, ама знае точно колку и каде има попуст и се враќа дома со 16 ќеси во рацете.

Кукла која се ужаснува од мирисот на пржен кромид и манџи и ако треба ќе умре за јадење, ама нема да стане и да направи нешто сама.

И после се чудиме како општеството било така дефектно, како не успевале љубовни врски, како се распаѓале бракови и заедници. Како насекаде гледаш неспособни, нереализирани луѓе кои ќе се удрат во бандера и ќе кажат добар ден.

Како 30-годишен маж го подава телефонот на мајка му за да праша нешто во негово име, како возрасен човек е приморан да оди да уплаќа уплатници на факултет, затоа што принцезава не може сама да си пополни и уплати.

Нема потреба да се чудиме. Продолжете да им сервирате сé, да ги мазите и пазите до века, додека конечно не се слееме сите во едно и не станеме целосно и крајно неспособно општество.

Коментари

Коментари

Related Articles